Кузмановски искрен: Јас лично потфрлив – ја превземам одговорноста!

776

СпортСпорт во Берлин, Марија Ковачева

Два убедливи порази од две силни репрезентации се зад македонската ракометна репрезентација. Колку и да сакаме да сонуваме за големи работи и големи победи, сепак против едни противници како што се Франција и Германија, тоа е речиси невозможно, особено кога на теренот се повторуваат едни исти грешки.

Никој не очекуваше можеби победа, иако многумина посакувавме една од бајките на ова ЕП да ја испише и Македонија. Но, Германија ни покажа дека засега не сме ниту одблиску до нејзиното ниво.

На оваа средба не добивме помош од поискусните Филип Кузмановски и Филип Талески, двајцата беа претивки, нешто што за Македонија не е дозволиво на ваквите средби.

По мечот Кузмановски застана пред новинарите ја превзема одговорноста, самиот е свесен дека од него се очекуваше многу повеќе.

„Навистина бевме спремни за овој натпревар, знаевме против кого играме и дека Германија е фаворит. Ни се повторуваат некои работи. На оваа средба можеби се очекуваше најмногу од најискусните. Јас лично потфрлив и ќе превземам одговорност. Имав лош ден. Мора да одиме понатаму не можеме да го вратиме времето назад, животот продолжува, навистина ми е многу криво“, изјави Кузмановски.

Македонија групната фаза ја затвара на 16. јануари против Швајцарија.

„Сега ни останува мечот со Швајцарија на кој ќе мора да го дадеме максимумот. Верувајте и ние на терен го сакаме секогаш најдоброто за Македонија, но ете денеска не успеавме баш да го исполниме договореното… Ни останува Швајцарија да го дадеме најдоброто на ова првенство“.

ПретходноХрватска одигра само нерешено со Австрија, Србија со пораз од Унгарија
СледноЈокиќ „флертуваше“ со трипл-дабл, Лилард со звкукот на сирената (ВИДЕО)