СпортСпорт во Берлин, Марија Ковачева
Македонската ракометна репрезентација во овој состав, помладен и неискусен, е далеку од нивото на големите ракометни сили. Се потврди против Франција, се потврди и на втората средба против Германија. Техничките грешки растат од меч во меч, а одбраната е мека.
Предводникот на нашиот најдобар национален тим, Кирил Лазаров, по мечот изјави дека сме немоќни на „шест на шест“ против моќните противници.
„Ни се случија истите работи, истите грешки од дуелот со Франција, пак имавме премногу загубени топки. Ако зборуваме за одбраната, имаше одреден напредок, во одредени моменти имаше пожртвуваност и борбеност, но мислам дека кога ќе направиме анализа – ние сме немоќни да играме „шест во шест“ во нападот против ваков калибар на репрезентации. Едноставно ги продаваме топките, се доведуваме до пасивна игра каде што протинивиците потоа казнуваат безмилосно. Да не се лажеме, не е ни реално да парираме на Германија среде Берлин, но ако на тоа се додаде колку топки им дадовме буквално во раце, тогаш е јасно зошто резултатот е таков“.
Следен натпревар е против Швајцарија, противник кого уште на стартот го означивме како можна шанса да одиграме подобро, па и да дојдеме со бод на ова ЕП. Лазаров бара од момците да ги заборават претходните мечеви и целосно да се насочат кон Швајцарија да покажат дека имаат квалитет.
„Ако има противник против кого можеме да сме компетитивни и да се бориме за позитивен резултат, тоа е Швајцарија и тоа го знаевме уште пред почетокот на овој шампионат. Јас и во говорот кон играчите во соблекувалната по мечот со Германија кажав: Што било, поминало, мораме што побрзо да се средиме во главите, да преспиеме и да го искористиме овој ден за да се подготвиме за Швајцарците. Треба да го дадеме нашето најдобро, на индивидуален и на колективен план и да се обидеме да бидеме компетитивни, да се бориме за позитивен резултат против Швајцарија. Видовте како Швајцарците изненадија со Франција, одиграа нерешено неколку дена откако загубија со 13 гола од Германија во првото коло. Јас секогаш верувам во изненадувања, во победи, без разлика со кој противник играме, треба само да ги средиме главите и да веруваме во она што работиме. Ние сме репрезентативци, ова е најдоброто што го имаме во моментов во ракометот, тие се избраните што ја претставуваат Македонија, мислам дека имаме квалитет и сигурно ќе се обидеме да се покажеме во добро светло и да се бориме за позитивен резултат.