Чави не е во опасност и после катастрофата против Реал

160

Работата на Чави Хернандез во Барселона засега не е во опасност и покрај катастрофалниот пораз од Реал Мадрид со 4-1 во финалето на шпанскиот Суперкуп. Каталонците го загубија и второто издание на Ел Класико оваа сезона, откако беа целосно надиграни од нивните големи ривали, а тренерот на каталонскиот гигант го опишува натпреварот како „еден од најслабите“ за Барселона.

Покрај тоа што го загуби првиот трофеј сезонава, Барселона заостанува седум бода зад Реал во Ла Лига и осум зад лидерот Џирона, кој има натпревар помалку.

43-годишниот стручњак беше доволно самокритичен по слабиот настап против Реал и изрази уверување дека може да го поднесе тешкиот период и тимот да почне да ги остварува резултатите што ги забележа минатата сезона.

Големото прашање е дали двоумењето кое трае веќе неколку месеци нема да доведе до тоа Чави предвреме да ја напушти функцијата? Според каталонскиот „Спорт“, таква опасност нема и Хуан Лапорта се уште верува во поранешниот играч за врска и неговите замисли. Според изданието, претседателот на Каталонците тоа му го кажал на Чави и по последниот свиреж на кобното финале за Барселона во Ријад.

Откако минатата сезона Чави ги освои шампионската титула и Суперкупот, во септември повторно го потпиша договорот со Барселона, кој е до летото 2025 година со опција за продолжување на уште 12 месеци.

ПретходноЃоковиќ е спортист на Балканот за 2023, Дејан Георгиевски најдобар Македонец
СледноНавивачите ги нападнаа играчите и селекторот на Гана по поразот од Зеленортските острови (ВИДЕО)