Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ доби уште едно признание за одличната 2023 година. Тој е победник на јубилејното 50-то издание на изборот на „Спортист на Балканот“ во организација на Бугарската новинска агенција.
Новак Ѓоковиќ собра 103 поени и по рекорден осмипат ја добива оваа награда. Втор со 72 поени беше Никола Јокиќ, кој со Денвер триумфираше во НБА лигата, додека третопласиран е бугарскиот кошаркар Александар Везенков кој собра 38 бодови.
Во ТОП 5 најдобри спортисти на Балканот за 2023 година се најдоа и Милтиадис Тентоглу (Грција), европски првак во скок во далечина и петтопласираната, светската шампионка во скок во далечина Ивана Шпановиќ (Србија).
Од македонските спортисти, најдобар пласман на изборот имаше нашиот олимписки медалист, Дејан Георгиевски кој беше на делба на 40. место, а во изборот на 50-те најдобри се најдоа и Елиф Елмас и борачот Ахмад Магомедов.