По поразите од Франција и од Германија, Македонија утре ќе го одигра последниот меч од групата против Швајцарија. Со победа ќе завршиме на третото место, секој друг резултат не остава на последното место. Швајцарците беа убедливо поразени од Германија, но потоа одиграа реми со Франција.
За претходните мечеви, а и за престојниот зборуваше репрезентативното крило Ненад Костески.
„Ни остана уште мечот со Швајцарија, а ни остана и еден ден за подготовка, да заборавиме на тоа што се случуваше на претходните два натпревари што ги загубивме. Се концентрираме на Швајцарија која е сериозна репрезентација, тоа го покажаа на натпреварот со Франција (реми) и ќе мора добро да се спремиме и добро да ги анализираме.
Според мене, моторот на Швајцарите е Енди Шмид кој многу придонесува во нивната игра. Сепак, има сериозни играчи кои играат во Бундес лигата. Можеби мечот со Германија им беше слаб ден, а со Франција покажаа сосема друга игра и дека се многу добра репрезентација“, изјави Костески.
Како влијаат убедливите порази од Германија и од Франција?
„Дадовме 100% но ете не беше доволно за позитивен резултат. Јас сум сигурен дека момците го дадоа својот максимум на тие два меча, се случи тоа што се случи. Ги загубивме со голема разлика, но видовме до каде сме и дека уште многу треба да се работи и да се постигне позитивен резултат“.
За тоа што Македонија е лидер по технички грешки на ЕП…
„Психата и уморот ги го направија своето. Вистина е дека имаме голем број на технички грешки, тој сегмент, во кој потфрливме, мораме да го подобриме“, заврши ракометарот на Пелистер.