Победа за крај на ЕП: Македонија си ја мачка Швајцарија кога сака и каде сака (ФОТО)

1136

СпортСпорт во Берлин, Марија Ковачева

Македонската ракометна репрезентација на последниот меч од групната фаза на ЕП ја совлада Швајцарија со 29-27 и заврши како третпласирана во својата група А. На оваа средба останавме без капитенот Никола Митревски, кој се повреди, на негово место застана Мартин Томовски, кој беше одличен на голот.

Со оваа победа од два гола, Македонија обезбеди место во првиот шешир за баражот за СП.

Митев и Костески постигнаа по пет гола, Пешевски и Кузмановски имаа по четири гола. Мартин Томовски средбата ја зварши со 12 одбрани, Кизиќ две.

Во „Мерцедес Бенц Арена“ видовме една поинаква Македонија. Избраниците на Кирил Лазаров одиграа цврсто во одбраната, а многу подобро во нападот. Во првите 12. минути беше изедначено, се менуваше водството. Томовски едноставно го затвори голот и дополнително ги мотивираше своите соиграчи. Македонија со една долга серија (6-0) успеа да го урне отпорот на Швајцарија. Митев, Пешевски, Костески и Кузмановски поведе со 10-5 во 22. минута.

Швајцарија постави игра „седум на шест“ во немоќ да постигне гол, тоа го стори после долга пауза, Шмид реализираше два и Зендер еден гол за 10-8 во 25. минута. Ова беше период во кој Македонија направи две технички грешки, Лазаров повика тајм-аут. Одговоривме преку Пешевски, Јагуриноски и Кузмановски за 13-8 во 27. минута, Томовски запиша нова одбрана. На одморот резултатот беше 13-9.

И во второто полувреме влеговме одлично, со голот на Пешевски поведовме со 14-9, беше 15-10 и 17-12 по само шест минути игра. Томовски веќе имаше запишано две одбрани. Џонов доби две минути, а Швајцарија казни со три гола (два на празна мережа) за 17-15 во 39. минута.

По голот на Кузмановски и нова одбрана на Томовски и реализација на Костески, позитивата повторно беше плус четири (20-16) во 41. минута. Сепак ова не беше доволно да се разниша противникот, Портнер влезе во ритам, неговата репрезентација дојде на само еден гол 21-20 во 47. минута. Лазаревски го прекина налетот на противникот за 22-20, но мечот влезе во инфрактна завршница.

По 23-21, влеговме во серија на грешки, Лазаревски доби исклучување, а Зендер и Шмид (10-ти погодок) израмнија на 23-23 во 50. минута. Кизиќ кој влезе на местото на Томовски фати седмерец на Зендер. Костески зголеми на 24-23, а по новата одбрана на Кизиќ нереализиравме, па следеше казна за 24-25 во 25. минута.

Швајцарија беше во предност од еден гол, Шмид решеташе на теренот. Талески израмни на 27-27 на две минути до крајот, а потоа украде топка, Јагуриноски од контранапад реализираше за 28-27 на нешто повеќе од минута за драма. Нападот го имаше Швајцарија, се врати Томовски и одбрани, Лазаров повика тајм-аут на 30 секунди до крајот. Митев стави печат на средбата за 29-27.

ПретходноМакедонските фраери ги внесоа знамињата во “Мерцедес-Бенц Арената“! (ФОТО)
СледноЅверишта: Томовски и Кизиќ- Берлинскиот ѕид за Швајцарија (ВИДЕО)