Стручен коментар – Ристо Магдинчев: Браво, конечно одигравме како што треба!

863

Македонија во еден извонреден меч успеа да ја победи Швајцарија и со тоа да заврши на третото место во групата А на ова ЕУРО 2024. Македонија вечерва во Берлин одигра на задоволство на сите наши фанови, ама кога и стручниот коментатор на “СпортСпорт“ Ристо Магдинчев е среќен и задоволен, а обично дава критики, тогаш избраниците на селекторот Кире Лазаров направиле голема работа.

Секако дека Магдинчев имаше што да каже по овој меч за нашите читатели:

Браво, конечно одигравме како што треба, како што сите ние посакуваме и како што тоа и самите ракометари и стручен штаб посакуваат. Квалитетно, со многу акции, знаевме што сакаме против една квалитетна Швајцарија. Мене најмногу ми се допадна таа поддршка и реакција и од нашата клупа од играчите. Кога ја направивме таа серија од 4-5 на 10-5 тука сфатија нашите ракометари дека можат и од тогаш тргнавме во победа. Тоа беше моментумот. Одбраната функционираше во тоа прво полувреме, Томовски беше феноменален, нападот разновиден, знаевме што сакаме. Митев, Костески, Јагуриновски беа одлични во нападот. Конечно и Талески и Кузмановски беа одлични. Тоа е поради фактот дека блескавиот Митев е лидерот и тој ги разигруваше останатите. Секако дека за ваквиот настап влијаеа и критиките, а пресудно беше тоа што ние за разлика од дуелите со Германија и Франција правевме помалку грешки. Потоа Шмит го покривме и се беше речиси идеално“.

Во второто полувреме добро почнавме, но потоа Швајцарија заигра одлично…

Да, да,. Почнавме добро, но Томовски по 45 минтути како да осети замор, исто и Марковски во одбрана и тоа Шмит го искористи, се изнадава голови. Се играше гол за гол, важни беа оние моменти кога Кизиќ одбрани пенал и фати зицер. Во самиот финиш Митев одигра маестрално, поточно сите одиграа како што треба и затоа и победивме. Јасно е дека не можеш цел меч да бидеш перфектен, се знаеше дека ќе не фати криза, дека Швајцарија и Шмит ќе запнат, имаа и водство, но ние знаевме да се извлечеме кога беше најпотребно. Нели среќата ги прати храбрите, а вечерва нашите беа и храбри и покажаа дека имаат во себе квалитет. Оваа победа за нас е многу значајна и поради баражот за СП каде ќе добиеме послаб противник. Овој меч и оваа победа е важна дека покажавме дека имаме квалитет, се покажавме како искусна екипа, квалитетна екипа и дека со мали корекции во изборот на играчи може да биде уште подобро. На крај, уште еднаш. Во Митев добивме лидер. Дечкото има спортска дрскост, има решение во секој момент, знае да даде и гол кога е најпотребно. Ако се сеќавате пред ЕП реков дека најмногу очекувам од него и од Лазаревски, ете се потврдија овие мои зборови. Уште еднаш честитки на победата, браво“ заврши Магдинчев.

ПретходноИвановски го засили Гостивар
СледноКапело: Односот на Рома кон Мурињо е класично непочитување!