Женската јуниорска одбојкарска репрезентација на Македонија за играчи до 18 години, утре во Софија ги почнува настапите на зонските квалификации за Европското првенство. Под водство на селекторот Александар Митев, јуниорките ќе се сретнат со силните репрезентации на Турција и Србија во битка за само едно место кое води во втората фаза.
На првиот меч закажан утре од 15 часот по македонско време во салата „Христо Ботев“ во Софија, нашата репрезентација ќе ги одмери силите со еден од главните фаворити за пласман на ЕП, селекцијата на Турција. За квалитетот на противникот доволно зборуваат минатогодишните резултати на оваа генерација турски одбојкарки.
„Утре не очекува меч против една исклучително квалитетна и талентирана генерација на турската репрезентација. Според списокот на одбојкарките кои се дојдени овде во Софија, тоа е најголемиот дел од репрезентацијата со која минатата година игравме на Балканското првенство, каде тие беа вицешампионки. Истата таа генерација, подоцна во текот на минатата година го освои среброто и на Европското првенство. Јасно е за каков ривал станува збор, но ние ќе се обидеме да прикажеме добра игра и да се обидеме да ја искористиме секоја шанса да изненадиме. Најважно за нас е да се бориме за секој поен“, вели селекторот Митев.
Во изборот на Митев на овие квалификации се најдоа 14 одбојкарки:
Ева Ристовска (техничар)
Матеа Петровска (примач)
Андротеа Милевска (коректор)
Мартина Азманова (либеро)
Билјана Јаковлевска (техничар)
Ана Ѓорѓиевска (коректор)
Ирена Узунова (либеро)
Матеа Сотировска (среден блокер)
Зофија Георгиевска (примач)
Викторија Трајкова (среден блокер)
Симона Наковска (примач)
Ивана Милева (примач)
Стефанија Кипријановска (среден блокер)
Лиле Лозановска (среден блокер)