За македонските работи во Германија, иднината и воините на Лазаров!

2328

Марија Ковачева

Македонската ракометна репрезентација Европското првенство во Германија го завршува на 17-то место пред Србија, една од земјите од кои се очекуваше многу повеќе.

Оваа нова Македонија која се гради беше пред голем предизвик, играше против ракометни велесили како Франција и Германија, а својата шанса за блесок по тешките дуели ја бараше против Швајцарија. На крајот одговори на вистински начин и ги исполни срцата на сите поддржувачки.

Овој националниот тим со години е единствен редовен учесник на големите натпреварувања. 13-то по ред или седмо во низа Европско првенство или вкупно осмо. Македонското знаме се вее меѓу најдобрите, токму поради ракометот.

Вака беше и на почетокот на оваа 2024 година.

Нашите репрезентативци од Берлин си заминаа со исправени глави, со полни куфери самодоверба, гордост и искра надеж дека допрва ќе имаат што да кажат на европска, па и на светска сцена, секако кога ќе дојде вистинското време.

Имаме борци, имаме систем, но немаме трпение. Се чини не можеме да најдеме баланс меѓу реалноста и желбата да се вивнеме во височините преку ноќ. На сите ни треба спортска радост, па токму затоа на секој јануари гледаме како празник на душата, шанса, срцето да ни се разгали со уникатна доза на среќа.

Наместо да ја гледаме широката слика, сакаме инстант резултат, кој во овој момент е невозможна мисија. Чекор по чекор е стара и клише изјава, но за нас кратка лекција дека чекорите не смеат да се прескокнат, особено во период кога Кирил Лазаров наместо на терен, го имаме покрај терен, кога имаме повеќе неискусни од искусни имиња во составот.

Денеска изјавите на Лазаров дека верува во овој тим, дека во составот го има најдоброто имаат уште поголема тежина. Најдобриот македонски бомбардер неизмерно верува во она што го гради, бараше трпение и секако се обидуваше да го пренесе својот победнички менталитет кој се чини нема граници.

И успеа во тоа, на дуелот на кој сите гледаа дека ќе биде уште едно фијаско го разбуди воинот во секој поединцец во тимот, прецизно го склопи мозаикот против Швајцарија, па на теренот ја видовме Македонија која секој од нас ја посакуваше.

Против Швајцарија видовме победнички менталитет кој Лазаров го бараше, видовме дрскост, видовме упорност, видовме решителност, видовме дека Македонија може да се издигне и кога се чини дека ќе падне.

На ова Европското првенство повеќе добивме отколку што загубивме. Добивме на искуство, добивме „костур“ на националниот тим, кој само ќе се надоградува и ќе се надополнува.

Најважно – не сме боси, ни треба стратегија, не само од Лазаров на репрезентативно ниво, туку од клубовите. Ако сакаме да се радуваме на национален успех, секој мора да вложи во македонскиот производ, во спротивно – едно Европско првенство или Светско првенство, бараж или квалификации, не се доволни. Ќе ги „изгориме“ играчите.

Што точно добивме?

Го добивме Марко Митев, алка која го поврзуваше целиот систем на играта. Митев на своето второ големо натпреварување ја превзема улога која претходно ја имаше Филип Миркуловски, најави дека може да очекуваме многу повеќе од него. Во секој напад во „ракавот“ имаше две до три решенија, влегува во дуел, точно знае кога и каде да ја подаде топката.

Второ име кое ја потполни празнината на еден голем борец е Милан Лазаревски. Имаше шанса да учи од својот претходник – Стојанче Стоилов, на ова ЕП покажа дека оди точно по неговите стапки.

Ненад Костески, момче за кое оваа година постојано зборуваме. Штета, што македонските тренери во Пелистер во првиот дел од сезоната му даваа повеќе шанса на Србинот, Радивојевиќ. Костески е комплетен играч, едноставно лета на теренот.

Петар Атанасијевиќ. Уште едно момче, кое во себе има спортска дрскост. На другата страна на теренот, на левата крилна позиција делува цврсто и сигурно, фајтер во секоја смисла на зборот.

Мартин Томовски и Марко Кизиќ, две голмански имиња кои порачаа дека мрежата на Македонија ќе биде и во иднина сигурна. Покрај искусниот Никола Митревски делуваат застрашувачки. Нашиот капитен се повреди уште на мечот со Германија, па против Швајцарија одиграа меч за паметење.

Томислав Јагуриноски, го најде своето место во тимот. Со него на теренот, играта е поинаква, превзема одговрност, ја поседува спортската дрскост.

Можеби очекувавме повеќе од Филип Кузмановски и Филип Талески против Германија и Франција, на крајот двајцата се издигнаа кога требаше најмногу – против Швајцарија. Жарко Пешевски на ова ЕП, потврди дека Лазаров може слободно да се потпре на неговото иксуство и стабилност која ја поседува.

Македонија има иднина – само треба да се верува во тимот, во поединецот, треба да се верува во системот. И секако додека останатите ракометни стручњаци мудруваат на ТВ, во порталите или пак на кафе муабет, треба да се погледнат во огледало и да се запрашаат што тие придонеле за ракометна Македонија, дали нивниот систем верува во македонскиот производ?

Да не дозволиме единствениот амбасадор на државата – спортот да стане жртва на индивудуалци со лични интереси.

ПретходноПромоција: Даноски и официјално во Тиквеш
СледноНаполи договори тројца играчи