Тренерот на Барселона, Чави Ернандес на пресконференција пред осминафиналниот меч од Купот на Кралот против Унионистас де Саламанка, зборуваше за слабиот настап на тимот оваа сезона и оној пораз од 1:4 од Реал Мадрид во Суперкупот.
„Денот кога ќе забележам дека играчите не се со мене и не ме поддржуваат, ќе си ги земам работите и ќе си заминам. Време е да го промениме чипот. Пред некој ден со Реал Мадрид одигравме многу лошо и сакаме сега да ги направиме работите добро. Јасно е дека сме фаворити со Унионистас, но тоа мора да го докажеме, тие имаат потенцијал и ќе биде тешко.
Титулите отсекогаш ми биле цел и секогаш сум го велел тоа. Кога потпишав за Барселона, задачата беше да се најдеме во топ 4 и тоа го постигнавме. Минатата година целта беше освојување на лигата и Суперкупот, надминувајќи ги очекувањата. Оваа година целта е да се освојат важни трофеи – Купот, Лигата или Лигата на шампионите. Ако целите не се исполнат, јас ќе бидам првиот што ќе каже дека не ги исполнив и ќе дадам отказ“, започна Чави.