Ништо од иницијативата и најавата дека уште во зимскиоот преоден рок фудбалерите од регионот би можеле да настапуваат во земјава како домашни играчи. По неколку состаноци, анализи и препораки, ФФМ одлучи да побара согласност од сите клубови.
Ова е направено поради тоа што станува збор за сред сезона и за таква одлука треба да има едногласна дозвола од сите прволигаши.
За жал два клуба го „минираа“ обидот на мнозинството кои беа за воведување на одлука за реципроцитет со земјите како Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија каде нашите играчи не се странци.
„СпортСпорт“ дознава дека позитивно не се изјасниле екипите на Воска и Шкупи со што сега на сила е старото правило за странци, а тоа е дека се дозволени четворица без никаква надокнада, а за секој нареден странец до осмиот се плаќа по 5, 10, 15 и 20.000 евра на ФФМ, пари кои подоцна одат за развој на младинскиот фудбал.
Според најавите од новата сезона фудбалерите од регионот ќе играат кај нас како домашни затоа што таква одлука ќе донесе ФФМ на престојното редовно Собрание на федерацијата и за таква одлука не им треба согласност од клубовите туку од делегатите на Собранието.