Нигерија го победи домаќинот на Африканскиот куп, Брегот на Слоновата Коска со 1:0 во најинтересниот меч во досегашниот дел на турнирот. Пред повеќе од 60.000 гледачи „Супер орлите“ славеа со 1:0 на стадионот „Аласан Уатара“ во Абиџан.
Единствениот гол го постигна капитенот Вилијам Трост-Еконг од пенал во 55 минута.
Инаку за пенал се избори Виктор Осимен кој беше фаулиран од еден противнички играч. Судијата ја прегледа ситуацијата преку ВАР системот и оцени дека тоа е пенал.
Во другиот меч од групата А, Екваторијална Гвинеја славеше над Гвинеја-Бисао со 4:2.
Хет-трик постигна Емилио Нсуе. Трите гола на фудбалерот на шпанскиот третолигаш Интерсити е историски затоа што тој е највозрасниот играч на АФКОН кој постигнал три гола на еден натпревар. Тој три пати стрелаше во мрежата на возраст од 34 години и 110 денови.
На табелата Екваторијална Гвинеја и Нигерија имаат по четири бодови, БС Коска има три, а Гвинеја-Бисао е без бодови.
Во идното, последно коло БС Коска ќе игра со Екваторијална Гвинеја, а Нигерија против Гвинеја-Бисао.