Жозе Мурињо ја освои Конференциската лига со Рома, играше во финалето на Лига Европа, но оваа сезона не беше баш добра. Резултатите не ги оправдаа очекувањата, па Мурињо доби отказ.
Иако сакаше да остане до лето, раководството на римскиот клуб сметаше дека сега е идеален момент за разделба. Поранешниот играч на Рома, Даниеле Де Роси, наводно ќе го наследи Мурињо, иако навивачите во Рим веруваат дека некој поискусен треба да ја добие шансата.
Во меѓувреме се шпекулираше дека Мурињо оди во Шпанија и на клупата на Барселона, каде што своевремено работеше како помошник тренер. Сепак, пред неколку години беше на клупата на Реал Мадрид и има фантастичен однос со Флорентино Перез и посебен однос со играчите на Реал, поради што отфрли секаква можност за преземање на Каталонците.
„Јас ни во најголемо лудило не би се согласил да ги водам“, наводно му рекол Мурињо на Флорентино Перез, кого го повикал веднаш да го „изгаси огнот“.
Прашање е дали на Мурињо ќе му треба малку време за одмор или веднаш ќе започне нов предизвик. Очигледно има тимови кои со задоволство би го ангажирале, но и такви кои Жозе би сакал да ги води.