Димитријевиќ: Многу е полесно кога имаш татко кој е голем стручњак!

1678

Најдобриот македонски кошаркар, Ненад Димитријевиќ ја игра втората сезона во тимот на Уникас Казан. Нашиот плејмејкер ја пронајде вистинската средина за да го покаже сиот квалитет со кој располага. Минатата сезона Уникс ја освои титулата во ВТБ-лигата, а Нено беше прогласен за МВП на финалето.

На официјалниот сајт на рускиот тим Димитријевиќ раскажува за сите детали од неговиот живот. Добро е познато дека тој е син на македонскиот стратег, Саша Димитријевиќ, кој беше сопственик на најголемата школа за кошарка „Јуниор“. Токму тука Нено ги научи сите тајни на овој спорт, заедно со неговиот татко.

Нено многу мал замина во Хувентуд, а од таму премина во редовите на Валенсија каде се повреди, а потоа новиот тренер не го виде во составот. Излезе понуда од Уникс Казан која ја преифати, по што почна да пишува убава кошаркарска приказна.

„Бидејќи мојот татко беше тренер, јас пораснав гледајќи кошарка од три или четири години. Имам татко кој добро ја познава кошарката, постојано ми помагаше, ме носеше на тренинг. Со него работев многу. Кога татко ти е тренер, побрзо се вклучуваш во процесот“, вели Нено.

Што се однесува до деновите во Валенсија, сега е среќен што се разделил и што Уникс му дале шанса да биде лидер.

„Не беше лесно во Валенсија. Се повредив, па се разболев, па повторно се повредив. Беше многу тешко да се вратам во ритам. Се опоравував два месеци. Потоа дојде нов тренер кој не ме виде во составот, а јас сакав да останам на истото високо ниво. Тука се појави Уникс. Знаев дека ова е голем тим – затоа се преселив овде. Имам шанса да играм во сериозен клуб со главна улога, плус можност да работам со одличен тренерски тим.  УНИКС ми даде шанса да имам водечка улога во сериозен клуб“.

Нено е голем фан на Челзи, но и на Жозе Мурињо. Португалецот заработи отказ во Рим, а македонскиот плејмекер имаше интересен коментар.

„Се надевам дека ќе се врати во Челзи, го обожавам“.

Целото интервју можете да го прочитате ТУКА. 

ПретходноМрежата не мируваше, пораз за Столе и Рајо!
СледноФранција доминантно против Исланд (ВИДЕО)