„Децата“ кои го залудеа ракометниот свет: Мартим и Франциско ќе му пресудат и на европскиот првак?

2073

Едниот е опишан како чудо од дете. Другиот е „бомбардер“ која на ова ЕП ја предводи листата на најдобри стрелци. Браќата Франциско и Мартим Коста во дресот на Португалија, според многумина, се откровението на ова ЕП, заедно со својот национален тим. Тие денеска ќе имаат за цел да ја исфрлат Шведска од битката за место во полуфиналето и да се лансираат меѓу четирите селекции кои ќе се борат за едвопските медали.

„За нас овој денешен меч е финале. Нема што да чекаме друго финале“, вели Франциско Коста, момчето кое многумина го нарекоа „вундеркинд“ на светскиот ракомет.

Двајцата браќа играат заедно во Спортинг Лисабон и во португалската репрезентација. За време на ова ЕП, постариот брат Мартим Коста (21), веќе постигна 38 голови и ја предводи листата на најдобри стрелци по пет натпревари. Во петочната победа против Словенија, Мартим Коста постигна една третина од 33-те гола на неговиот тим, вкупно 11.

„Луѓето не зборуваат толку за него, туку за чудото од дете од другата страна, поточно неговиот брат. Но, неговите досегашни настапи покажаа дека и двајцата се вистинско ракометно чудо“, вели искусниот шведски репрезентативец Џим Готфридсон, за браќата Коста кои вечерва ќе прават проблеми за европскиот првак на патот до полуфиналето.

Помалиот брат на Мартим Коста, Франциско, има само 18 години и веќе е клучен играч за Португалија.

„Најголем талент кој се појавил во последниве десетина години, сигурно. Пред него е убава ракометна кариера. Само прашање е кога ќе оди во голем клуб“, дополнува Готфридсон.

Франциско вели дека му се восхитува на својот постар брат, кој за време на првенството во Германија покажа дека е страшен голгетер. Според него, Мартим е најдобар играч на цело ЕП.

„Едноставно сум среќен поради него и знам дека е подобар од мене. Тој може да биде најдобар на светот, а јас ќе бидам вториот најдобар. Уживам да играм со него. Тој е мојот брат“, вели младиот Франциско.

Португалија и Шведска денеска од 18 часот ќе го одиграат клучниот меч на ова ЕП и за двете селекции во битката за место во полуфиналето.

ПретходноШифрин со нова слаломска победа, Хрватката Љутиќ изненадувачки до второто место
СледноУтрехт ја прекина серијата од 17 последователни победи на ПСВ