Шпанскиот репрезентативец Ајмерик Лапорт изјави дека разочарувањето кај многу европски фудбалски професионалци кои дојдоа во Саудиската Про лига не е случајно. Во интервју за шпанскиот весник „Ас“, Лапорт вели дека домаќините во С. Арабија не направиле ништо за да го олеснат адаптирањето на странците кон животот и фудбалот таму.
„Уште кога стигнавме видовме дека ќе биде голема промена. Домаќините не ни олеснија ништо. Всушност, има многу играчи кои се незадоволни. Ова е голема промена во споредба со Европа, но на крајот се работи за адаптација“, вели Шпанецот.
Лапорт во август се пресели во саудискиот клуб Ал-Наср. Таму, меѓу другото, е и соиграч на Кристијано Роналдо.
„И за луѓето кои тука работат во клубовите ова е нешто ново. Никогаш немале толку европски играчи кои имаат долга кариера во врвни клубови. Можеби не се навикнати на ова и треба и тие да се подготват за малку поголема сериозност во пристапот. Не велам дека не се грижат за нас, но тоа е недоволно според мене. Нема да излажам ако кажам дека очекував нешто поинаку, особено кога станува збор за квалитетот на животот во Саудиска Арабија. Тука редовно се случува да поминувате и по три часа дневно во автомобил за да стигнете од едно на друго место“, вели Лапорт.