Луиџи „Џиџи“ Рива, најдобриот стрелец на сите времиња на италијанската фудбалска репрезентација, почина денеска на 80-годишна возраст, објавија италијанските медиуми.
На Рива му се слошило во неговиот дом на Сардинија за време на викендот, по што бил пренесен во болница, каде и починал. Тој беше почесен претседател на Каљари од 2019 година.
Рива беше дел од селекцијата на Италија која го освои Европското првенство во 1968 година, а играше и на Светското првенство во 1970 година, кога Италија беше поразена во финалето од Бразил со Пеле. Рива ја одигра речиси целата своја клупска кариера во Каљари и беше најдобар стрелец во Серија А кога тимот од Сардинија ја освои титулата на Италија прв и засега последен пат во својата историја во 1970 година.