Шампионот Струга Трим Лум зимските подготовки ги продолжува во Анталија, Турција, каде утре веќе го има и првиот тест. Тренерот на стружани, Шпетим Дуро, утре против руски Оренбург ќе има можност да ја види моменталната форма на фудбалерите.
„Задоволен сум од залагањето на фудбалерите, кои педантно ги извршуваат своите обврски. Може да се забележи грч, или оптоварување на фудбалерите, што е нормално, бидејќи сме во фаза на опоравување, но со текот на времето верувам дека се ќе биде во ред. Утре го имаме првиот пријателски натпревар преку кој ќе ја видиме состојбата на тимот. Како и обично, првите натпревари се потешки. Резултатот, како и секогаш на вакви натпревари, е спореден, бидејќи преку нив ја тестираме формата и способностите на нашите играчи. Утре против Оренбург се надевам дека ќе имаме шанса да ги пробаме сите играчи“, вели Дуро.
Натпреварот Струга Трим Лум – Оренбург ќе се одигра во „Calista Luxory Resort Sports Center“ во Анталија со почеток во 14:00 часот.