Формула 1 објави дека Шпанското ГП ќе се одржува во Мадрид од сезоната 2026 година. Договорот е склучен за период од 10 години – до 2035 година.
Должината на рутата во главниот град на Шпанија треба да биде 5,47 километри. Патеката ќе има 20 свиоци и предвидено време на квалификациски круг од 1 минута и 32 секунди. Според прелиминарните податоци, на денот на трката ќе можат да присуствуваат 110.000 фанови. Организаторите планираат оваа бројка да се зголеми на 140.000.
Шпанското ГП во моментов се одржува во Барселона, но извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали, изјави дека Ф1 би можел да ја продолжи соработката со Барселона, и покрај тоа што во календарот сега ќе се појави Големата награда на Мадрид.
„Гран При трката во Мадрид не ја исклучува можноста да останеме во Барселона во иднина. Ќе кажам дека моментално се водат преговори за тоа дали можеме да ја продолжиме соработката со Барселона“, изјави Доменикали.