Работнички после две години и девет месеци го победи МЗТ Скопје (ФОТО)

840

Вечното дерби број 164. заврши во корист на Работнички кој славеше против МЗТ Скопје со 91-95 во рамките на 15. коло во Првата лига. На овој начин „цврено-белите“ ставија крај на лошата серија против градскиот ривал, после две години и девет месеци успеаја да дојдат до триумф. Најтрофејниот кошаркарски колектив последен пат го победи својот ривал во април 2021 година, имаше серија од осум порази во низа.

За тимот од Аеродром кој се разбуди доцна, во последната четвртина, ова е втор пораз во низа, вкупно трет сезонава, додека на другата страна Работнички го запиша 11 триумф.

Декози имаше 23 поени, Ѓуроски 20, додека Трис 19 поени и 11 асистенции. На другата страна Танасковиќ имаше 26 поени, Војдан 18 поени, Дамјан 15 исто колку и Ворку.

Во прва четвртина домаќинот само трипати имаше водство, на теренот доминираа „црвено-белите“, поведоа со двоцифрени 15-25 во осмата минута. МЗТ Скопје се врати на 22-25, но застана. Работнички на крајот на првата и почетокот на втората четвртина направи серија од 10-0 за 22-35 во 12 минута.

Војдан беше кошаркарот кој го постигна првиот кош за МЗТ во втората четвртина, тоа го стори од линијата за слободни фрлања по намерната лична грешка на Шошкиќ, Крстевски се надоврза за 25-35. Ѓуроски продолжи во исто темпо зголеми на 25-40 на средината на вториот период. Гостите беа одлични во нападот, лесно ја пробиваа одбраната на МЗТ Скопје, кој се мачеше, буквално делуваше бескомпасно. Актуелниот првак на одморот успеа да намали на 40-50.

МЗТ Скопје не успеа да реализира два напади за да се доближи сериозно, успеа да намали на 45-53 по две и пол минути игра во третата четвртина. Секој обид на „сино-белите“ на другата страна беше „згаснат“ со тројки (Ѓуроски и Стајиќ). Покрај ова грешките се редеа. Со серија од 5-0 (тројка на Ѓуроски и два поени на Трајс), Работнички поведе со плус 17 (55-72) во 27 минута.

На МЗТ му требаше да влезе во серија. Гостите го полнеа кошот на противникот како од шега, бидејќи дефанзивата беше под нивото. При минус 21 (61-82), Васко Атанасов повика тајм-аут, неговите момци се чинеше беа пред невозможна мисија.

Големиот борец Војдан ги разбуди своите соиграчи. МЗТ дојде на 73-84. Дамјан со две слободни намали на 79-88, а подоцна со тројка на 84-91. Домаќинот беше во трка со времето, кое за жал не работеше во негова корист. Танасковиќ и Ворку искористија невнимателност на противникот, негативата беше 88-93. Ворку не успеа да реализира за целосна драма на нецела минута до крајот, а потоа и загуби топка на 18 секунди. Тука и беше крајот на мечот, Ефремовски стави печат од линијата за слободни фрлања, и покрај техничката на Самарџиев шансите за пресврт веќе не постоеја.

ПретходноВелковски на голот на Вардар
СледноСинот на Тоти стана соиграч на Столе во Рајо Ваљекано