Хрватска го освои 11. место на Европското првенство во ракомет. Со оглед на тоа што овој резултат се смета за неуспешен, почна да се зборува за разрешување на Горан Перковац, кој, пак, е убеден дека ќе остане на изборната функција.
Во јавноста се спомена името на Веселин Вујовиќ. Со таа идеја не се согласува легендарниот капитен на Хрватска, Петар Метличиќ, како и потпретседателот на Хрватскиот ракометен сојуз Зоран Гобац.
„Во хрватскиот ракомет има доволен број стручњаци кои можат да ја играат улогата на селектор, така што таму нема проблем. Вујовиќ исклучително го ценам како тренер и како човек, но хрватската репрезентација е една работа, а РК Загреб е друго.Никој не разговарал со Вујовиќ за селекторската позиција“, изјави Гобац за „Индекс.хр“.
На оваа констатација се огласи и Вујовиќ.
„Секогаш истата приказна. Да ви кажам една работа… Секој пат кога некои духови се бунтуваат поради некоја причина, луѓето почнуваат да коментираат. Никогаш во кариерата не сум рекол дека некој е добар или лош, само коментирав работи што се случуваат на терен“, изјави за „Индекс.хр“ Вујовиќ.