Шведските медиуми вечерва потврдија дека Шведската ракометна федерација поднела приговор за голот на Пранди со кој Франција израмни и избори продолженија во првото полуфинале на ЕП 2024.
„Не знаеме до што ќе доведе тоа, но за нас беше важно да останеме на нашите оценки и фер-плејот“, вели менаџерката на селекцијата на Шведска, Хана Фогелстром.
Таа понатаму потврди дека одговор на приговорот ќе добијат дури утре попладне.
Швеѓаните остро реагираа по поразот од Франција по продолженијата, затоа што Начевски и Николов не отидоа да го проверат движењето на Пранди при постигнувањето на голот од последниот удар за „триколорите“.
„Ова е судиска грешка од огромни размери. Судиите мораше да ја погледнат снимката, затоа што тоа беше клучен момент на натпреварот. Шведска требаше да го добие натпреварот“, експертот Оле Еревик, кој ги ко-коментира средбите за шведската телевизија.