Австрискиот ски-скокач Штефан Крафт е новиот светски шампион во скијачки летови на големо задоволство на навивачите во Кулм, Австрија.
Во петокот се одржаа две серии поединечни натпреварувања, а иако се требаше да се заокружи со две саботни серии, беше направена само една поради проблемите со ветерот. По две серии во петокот, Словенецот Тими Зајц водеше пред Крафт, но Зајц не успеа да ја зачува предноста при третиот настап.
Уште повеќе, Зајц на крајот заврши на третото место и мораше да се задоволи со бронзата по летот од 209,5 метри оваа сабота.
Летот од 228 метри му даде на Крафт вкупно 674,4 поени, со што го надмина одличниот Германец Андреас Велингер, кој беше одликуван со сребро. Екипното натпреварување ќе се одржи в недела.