Пелистер ја запиша третата победа во АБА2-лига, откако на првиот меч во Нови Сад го совлада тимот на Шибенка после продолжение со 78-85. Битолчани влегоа добро во овој дуел, па наеднаш беа на минус 16 поени разлика, но на крајот успеаја да се вратат и во дополнителните пет минути да дојдат до победата.
Планиниќ постигна дабл-дабл од 26 поени и 14 скока, Мијовиќ 23, додека пак Костоски запиша 14 поени.
Избраниците на Дарко Радуловиќ со 2-10 го отворија мечот, во овие минути делуваа доста сигурно. Се чинеше дека ќе имаат лесна задача, но пред крајот на првата четвртина при 9-14 противникот со серија од 16-0 направи пресврт и поведе со 25-14. И застана тука. Битолчани конечно влегоа во ритам, вратија со 11-0 и на одморот намалија на 41-37.
Кошаркарите на Пелистер првите поени во второто полувреме ги постигнаа после четири минути игра, Костоски со тројка ги разбуди своите соиграчи, па Пелистер со серијата од 7-0 дојдоа на 45-44. Повторно Костоски пред крајот на третата четвртина мали на 54-53, но направи фаул, Шибенка зголеми на 56-53 пред стартот на решавачките десет минути.
Пелистер постојано го „бркаше“ резултатот, Мијовиќ со две слободни фрлања и тројка конечно успеа да израмни на 63-63 во 35 минута. Најт нешто подоцна го врати водството (65-66). Следеше серија на промашувања на двете страни, Лукиќ заработи техничка грешка, Мијовиќ зголеми на 65-67, Пелистер не искористи напад, па противникот израмни на 67-67 за драма на 1:27 до крајот.
Мијовиќ зголеми на 67-69, Шибенка преку Лукиќ изрмани на 69-69. Најт не реализираше, не успеа ниту пак противникот, Најт имаше шанса со звукот на сирената да донесе победа, сепак не беше прецизен за три поени, па мечот замина во продолжение. А таму, Планиниќ, па Костоски со тројка и Планиниќ го донесоа својот тим на чекор до победа 76-82. Противникот не успеа да реализира ниту еден напад, на другатс страна Магдевски стави печат на победата.
Во следното коло Пелистер игра против Хелиос, дуелот е закажан за втори февруари.