За да се обидат да ја исполнат целта, а таа е опстанок во француската фудбалска елита, првите луѓе на Олимпик Лион зимава потрошија рекордни 80 милиони евра за нови засилувања. Скромно поминатото лето, очигледно донесе панична зима во Лион, откако клубот е очаен во првиот дел од сезоата и грчевито ќе се бори за место во Лига 1 до крајот на сезоната.
Челниците на Олимпик ги пикнаа рацете длабоко в џеб, па овој јануари Лион ќе го израмни – ако не и собори – клупскиот рекорд по висина на потрошени пари за трансфер на еден играч. Во прашање е Орел Мангала, дефанзивниот играч за врска на Нотингем Форест, кој мораше и онака да биде продаден, за „шумарите“ да го избалансираат финансискиот фер-плеј.
Лион ќе плати 10 милиони евра за шестмесечна позајмица, а потоа уште 15 милиони за откуп. Мангала ќе го израмни клупскиот рекорд кој го држи Џеф Рен Аделаид, за кого Лион на Анжер му плати 25 милиони евра.
Покрај овие пари, Лион зимава извади „кеш“ и за Немања Матиќ, Малик Фофана, Гифт Орбан, Лукас Пери и Андриелсон. Покрај тоа Лион ќе плати и 17 милиони евра на лето кога клубот ќе го официјализира доаѓањето на Саид Бенрама од Вест Хем. Со тоа јануарската потрошувачка на Лион ќе скокне на неверојатни 80 милиони евра. Тоа е сума која оваа зима не ја потроши ниту еден светски фудбалси гигант.