Еден од кандидатите за тренерското место во екипата на Барселона следната година е и актуелниот тренер на Порто, Серџо Консеисао. Според информациите од Португалија, 49-годишниот тренер ќе замине од Порто на крајот на сезоната, а неговата одлука е конечна. Консеисао добро размислил и донел одлука без да ги чека резултатите од претседателските избори кои ќе се одржат во Порто.
Договорот на Консеисао истекува во јуни, откако веќе седмата сезона е на чело на Порто. Приоритет на поранешниот португалски репрезентативец не се парите, туку проектот, а Барселона има што да му понуди на тој план. Каталонскиот „Мундо Депортиво“, пак, пишува дека резултатот од претседателските избори сепак може да влијае на неговата одлука, но и дека Барселона е силно заинтересирана за него.