Италијанската фудбалска федерација размислува да направи реформа во структурата на своите првенства. Идејата е намалување на бројот на клубови во Серија А од 20 на 18, а идејата ја поддржуваат трите гиганти Јувентус, Интер и Милан, открива „Ла Република“.
Во понеделникот имало средба со клубовигте од Серија А, на која било објаснето ова, како и други важни работи. Јувентус, Интер и Милан се за намалување на бројот на екипи во елитната лига, пред се за да го намалат оптоварувањето на играчите кои и без тоа играа многу натпревари во текот на сезоната. Бројот на натпревари може да порасне со најавените формати на европските купови и Светското клупско првенство од сезоната 2025/26.
Освен трите гиганти имало и други клубови кои ја поддржуваат оваа идеја, но засега се малцинство. Помалите клубови логично се против ваквиот предлог, па дури се спремни да покренат судска постапка ако таквиот предлог им биде наложен со сила, без да има мнозинство. Против такво нешто е извршниот директор на Монца, Адријано Галијани. Друг проблем се и телевизиите кои се против идејата да се намалат натпреварите, затоа што ќе има и помалку преноси.
Во планот на ФИГЦ е освен Серија А, реформа да претрпи и Серија Ц. Се очекува првиот човек на ФИГЦ, Габриеле Гравина идната недела да ги претстави идеите на генералното собрание.