- Единствениот кандидат ја доби довербата од делегатите на Годишното Изборно Собрание на Македонскиот Олимписки Комитет
Со апсолутно мнозинство Даниел Димевски е избран за претседател на МОК со нов мандат од 4 години со времетраење до 2028 година. Ова е епилогот од „турбуленциите“ поврзани со олимпиското движење во Македонија кои донесоа резултат далеку од оној најавуваниот, а тоа е дека ќе се случи смена на актуелниот претседател.
Даниел Димевски треба и мора да биде среќен со ваква опозиција и организација на Вонредно Собрание од аматери кои „ја тресеа гората, а се роди глушец“.
И пиокрај сите аномалии, негативности и скандали поврзани за неговото име – Димевски останува на престолот и со нов мандат благодарение на нерешителноста и неединството на федерациите и спортските работници.
Изборната комисија констатираше дека на изборот за претседател на денешното Годишно изборно собрание за кандидатурата гласаа 45 делегати од вкупо 61 кои се дел од Собранието на МОК. Од вчерашното гласање 8 делегати беа против, а два воздржани.
Само Перо Антиќ од кошаркарската федерација низ текот на Собранието гласаше контра одлуките на МОК и останатите делегати. Претходно претставник на Агенцијата за спорт и млади (АМС), најави дека на Собранието има три спорни федерации, но Димевски му возврати дека во МОК правилата важат според нивни акти и закони и дека истите се меродавни, а не тие на државните институции.
Во превод МОК си е држава сама за себе, исто како што дејствува оваа федерација со текот на годините и децениите…
„Јака бројка, голема одговорност за тие 8+2 во иднина бидат ЗА. Сите сме едно, обврските се тие, другарството е тоа… Ми е криво за некои мои мноу блиски луѓе кои не знам како гласале, но сакам да гласале ЗА. Ако сите ние се држиме јако, ама баш јако… никој ништо не ни може. Јас сум фајтер… Вас ве имам… затоа сум најјак..“, истакна Даниел Димевски по изборот.