ЗОИ ’84: Пред точно 40 години се запали олимпискиот оган во Сараево

225

На денешен ден пред точно 40 години, со палење на олимпискиот оган во Сараево, на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“ (Кошево), започна церемонијата на отворање на 14. Зимски олимписки игри, прва ваква манифестација одржана во една комунистичка држава како што беше поранешна Југославија.

На Игрите, кои траеја од 8 до 19 февруари, учествуваа 1.272 натпреварувачи од 49 земји (998 машки и 274 женски натпреварувачи), со повеќе од 7.500 претставници на медиумски компании од 41 земја.

Словенечкиот скијач Бојан Крижај одржа говор на отворањето на Игрите во име на југословенските спортисти, а тогаш мегапопуларниот поп пејач Здравко Чолиќ го позајми гласот на „Волкот“, кој беше маскота на Олимпијадата.

Факелот кој пристигна од грчка Олимпија со авион до Дубровник, помина 5.289 километри низ Југославија (плус 2.879 километри на локалните патишта). Го носеа 1.600 раце, а најдобрата југословенска лизгачка Санда Дубравчиќ го донесе на стадионот и го запали олимпискиот оган.

Учесниците на Игрите се натпреваруваа во следните дисциплини: алпско скијање (Јахорина – жени и Бјелашница – мажи), боб и санкање (Требевиќ), биатлон, нордиско скијање и ски-скокови (Игман) и хокеј и уметничко лизгање во спортските сали на Скендерија и Зетра.

Југословенски херој на ЗОИ 84 беше Јуре Франко, 21-годишниот скијач од Нова Горица во Словенија, кој го освои првиот медал на Зимските олимписки игри за тогашната заедничка земја. На велеслаломската трка на Бјелашница Франко беше втор.

ПретходноКуп на ОФМ: Сушево го намачи Борец, комплетирани патниците во четвртфиналето
СледноКошаркар на Мајами прегази човек кому лекарите морале да му ампутираат дел од ногата