„Фондација Новак Ѓоковиќ“ на 11. февруари во Скопје ќе организира јавна панел – дискусија именувана како „Чиста мотивација“ која е дел од програмата на Фондацијата, „Патот на Шампионот“. Со овој чекор, по Белград и Загреб се афирмира овој важен проект наменет за децата спортисти, нивните родители и тренери во регионот.
Програмата на „Фондација Новак Ѓоковиќ“, „На патот на Шампионот“ се проширува низ регионот. По седум исклучително интересни и посетени настани ширум Србија и презентациите во рамки на Експо 2020 во Дубаи и Загреб во ноември минатата година, третото меѓународно издание ќе биде јавната панел-дискусија со работен наслов „Чиста мотивација“ која ќе се одржи на 11. февруари од 17 часот, во хотел „Holiday Inn“ во Скопје. Преку едукација и поддршка, оваа програма е посветена на помагање на родителите и тренерите на идните спортисти, а со цел нивно зајакнување во оваа особено сериозна улога.
Со поддршката на Даријан Трајанов, на панел дискусијата ќе се претстават еминентни учесници –најдобриот македонски и светски афирмиран ракометар и актуелен селектор на Ракометната репрезентација на Северна Македонија, Кирил Лазаров, познатиот и истакнат кардиохирург и алпинист Проф. д-р Сашко Кедев и олимписката репрезентативка во карате и основач на спортска школа за деца, Пулексенија Јовановска. Домаќин и модератор на панел дискусијата ќе биде авторката на програмата „На патот на шампионот“ и поранешната „Фед Куп“ репрезентативка на Србија во тенис, Ана Јовановиќ која ќе ја води размената на стручните искуства, знаења и информации на панелистите – придружено со конструктивни прашања и интеракција со присутните гости.
На досега реализираните панел дискусиите и со издавање на „Прирачник за родители на млади спортисти“ од авторката д-р Љубица Бачанац, во текот на изминатите 3 години учествуваа голем број регионални и светски имиња и легенди од областа на спортот, спортската и клиничката психологија и медицина: Жељко Обрадовиќ, Светислав Пешиќ, Дејан Савиќ, Александар Шоштар, Владимир Радмановиќ, Соња Васиќ, Виктор Троицки, Андреа Лекиќ, Љубомир Павловиќ, д-р Ранко Рајовиќ, д-р Александар Мисојчиќ, како и основачите на Фондацијата, Новак и Јелена Ѓоковиќ.
“Ни претставува чест што за прв пат организираме панел-дискусија во рамки на програмата „На патот на Шампионот” во гордата, спортска нација како што е македонската, блиска по срце на сите во „Фондација Новак Ѓоковиќ“. Во четвртата година од реализацијата на активностите во рамки на програмата, која низ девет инспиративни панел-дискусии беше домаќин на еминентни експерти од светот на спортот, среќни сме што во Скопје ќе имаме можност да разговараме за мотивацијата со извонредни соговорници. Се надевам дека се што правиме преку оваа програма ќе биде силна основа за конкретен придонес кон подобрата иднина на спортот во нашиот регион и неговото значење во здравото растење на децата.“ – изјави Ана Јовановиќ, авторот на програмата „На патот на Шампионот“.
Панел-дискусијата „Чиста мотивација“ ќе се одржи на 11. февруари 2024 (недела), со почеток од 17:00 часот, во хотел „Holiday Inn“ во Скопје (Сала „Милениум 1“).