Првиот човек на Европскиот фудбал, Александер Чеферин на Конгресот на УЕФА во Париз зборуваше за Суперлигата, за луѓето кои инсистираат таа да се случи но исто така посочи дека ќе се повлече од функцијата.
„Одлучив пред шест месеци. На организацијата и треба свежа крв, промени. Разговарав со фамилијата и со пријателите и одлучив. Нема да продолжам по истекот на мандатот во 2027 година“, соопшти Словенецот кој е на чело на УЕФА од 2016 година.
Потоа зборуваше за „затворената“ Суперлига на Европа на која инсистираат Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.
„Некои луѓе пробуваат да згазат 70 години фудбалска историја (УЕФА е формирана во 1954 година). Пробуваат да го променат овој европски модел на фудбалот и покрај неговиот успех. Тврдат дека се спасители, а во реалноста му копаат гроб. Глумат жртви, а всушност се предатори. Мешаат монопол со единство. Зборуваат за слободен пазар, а не знаат ништо за слободата на изразување“, изјави Чеферин.
Првиот човек на УЕФА индирекно ги обвини првите луѓе на Реал и Барса, Флорентино Перез и Хоан Лапорта.
„Неколку поединци пробуваат да не поделат во името на слободниот пазар, водени од желбата малкумина привилегирани да жнеат профит. Знам дека некои навивачи не критикуваат, исто така и во ФИФА, што е нормално. Клубовите се слободни да влезат во новото натпреварување доколку сакаат. Никој не сака да ги спречи, никој не им рекол да не го прават тоа. Секој може да прави што сака и да се приклучи на она што англиските навивачи го нарекуваат „Зомби лига“ или „Лига на плеонексија. А што е плеонексија? Тоа е желба да се има повеќе. Повеќе пари, повеќе моќ, повеќе капитал, повеќе престиж. А со тоа се хранат алчните луѓе. Никогаш нема да им е доволно. Сократ тие луѓе ги опишал како рушители на соживотот и општото добро. Тие сакаат повеќе дури тоа да значи уништување на се околу себе.
Само да ги потсетам, фудбалските навивачи не се глупави. Ништо нема да се промени. Тие знаат дека идејата е лоша, затоа што не можете да ги купите соништата. Не можете да го купите спортскиот успех. Не можете да купите 70 години историја“, истакна Чеферин.