Комисијата за натпревари во рамки на Фудбалската федерација на Македонија во хотел „Хилтон“ во Скопје го организираше редовниот семинар за делегати на натпреварите од Прва и Втора МФЛ.
На семинарот се дискутираше за првиот дел од тековната натпреварувачка 2023/24 сезона во која учество и активности имаа сите делегати кои беа присутни на семинарот. Целта на работилницата за делегати на ФФМ е да се исправат одредени пропусти во организацијата на мечевите и во континуитет да се подобрува знаењето на службените лица во поглед на организацијата на натпреварите.
На редовниот семинар присутните имаа можност да го слушнат и предавањето од страна на Роберт Марковиќ од Комисијата за безбедност и интегритет при ФФМ. Пред делегатите беше промовирана и презентирана УЕФА програмата против местење фудбалски натпревари. Акцент беше ставен и околу дисциплинските санкции на клубовите во однос на нивните навивачки групи поради користењето на пиротехника и транспаренти со навредлива содржина на национална база за време на фудбалските натпревари во Прва и Втора МФЛ.
На крајот на редовниот семинар беше направена и редовната проверка на знаење (тестирање) на делегатите на Прва и Втора МФЛ.
Игор Франговски – претседател на Комисија за натпреварување:
„На овој семинар, имавме можност да споделиме знаења, да направиме увид на сработеното во првиот дел од натпреварувачката сезона и стратегија која ќе ни помогне за подобра организација на натпреварите во иднина.
-Секој аспект на нашиот спорт се потпира на посветеноста и стручноста на луѓето кои директно се вклучени во натпреварите. Како делегати и официјални лица ја носиме одговорноста да ги поддржуваме вредностите на интегритет, почит и фер игра.
-Преку соработка и меѓусебна почит можеме да се движиме низ предизвиците што ни претстојат. Ваквите средби и семинари ни помагаат да создадеме трајни врски кои ќе ја зајакнат структурата на фудбалот во нашата држава и македонското првенство“.