Денеска во Анталија во пријателска средба Шкендија одигра 1:1 против гигантот од Украина, Динамо Киев. Уште една потврда дека четата на стратегот Јетон Беќири е во одлична форма. Инаку ова беше четврти пријателски меч во Анталија и прво реми, се досега беа само победи.
Пред да почне овој меч, интересна, братска средба во Анталија. Флорент Рамадани (23) играчот за врска на Шкендија и Решат Рамадани (20), играчот за врска на Динамо Киев, инаку младински репрезентативец на Македонија.
И двајцата влегоа во игра во второто полувреме, одиграа некои десетина минути еден против друг во братскиот дуел кој на крај заврши без победник.
Инаку помалиот Решат веќе една година е во Украина, направи во март минатата година голем трансфер од Шкендија во Динамо Киев. Додека повозрасниот Флорент по тешката повреда полека но сигурно се враќа во првиот тим на Шкендија и всушност тој ќе биде најголемото засилување на тетовци во пролетниот дел.