Битола „гори“: Пелистер vs Вардар во нова пресметка за престолот

430

Плеј-офот во Супер-лигата почнува на најдобар можен начин со дерби дуелот меѓу Пелистер и Вардар, двата најголеми кандидати за титулата во домашниот шампионат.

Во Битола се е подготвено за овој дуел, трибините ќе бидат исполнети до последното место, картите брзо се распродадоа.

Од последната средба до денеска се променија многу работи, секако најмногу во составот на актуелниот македонски првак, кој се раздели со неколку ракометари, а во меѓу време во својот состав ги додаде Филип Кузмановски и Дејан Манасков, а последно го потпиша и Матеуж Пиеховски, полски репрезентативец.

На другата страна Вардар го додаде Немања Гојковиќ и Мохамед Бакар, па ќе биде интересно да се види како двата тима ќе изгледаат на теренот. Ова ќе биде показател во однос на нивниот пат кон посакуваниот пехар.

Од стартот на сезоната Вардар води со 2-1, еднаш беше подобар во Супер-купот, па во првата пресметка на домашен терен во Супер-лигата, а потоа Пелистер победи дома со 29-25, победа која беше кобна бидејќи беше помала од онаа во Скопје, па токму затоа „црвено-црните“ во плеј-офот стартуваат со три бода, додека противникот само со два.

Покрај овој меч, кој е закажан во 18 часот, денеска силите ќе ги одмерат Пролет и Алкалоид во 16 часот, Тиквеш и Струга во 17 часот, како и Бутел и Охрид, исто во 17 часот.

Во плеј-аут лигата на програмата има две средби за денеска, Аеродром игра против Пелистер 2, додека Прилеп е домаќин на Скопје.

ПретходноПадна одлука, Хрватска има нов селектор
СледноНавивачи на шпански клуб го покрија теренот со кабаници и го прекинаа натпреварот (ВИДЕО)