Иако важеше за фаворот пред дуелот со Феникс 2010, Пелистер просто се изнамачи да дојде до посакуваната победа во меч од 17.коло во нашата елитна лига. Сепак на крајот битолчани славеа со 71:67.
Домашните кошаркари имаа ужасна прва четвртина, имено гостите го добија овој период со 10:22. Се насетуваше сензација, но како што одминуваше времето Пелистер ја намалуваше разликата а во финишот на третата четвртина го израмни резултатот а потоа и поведе.
Во последната четвртина Пелистер не дозволи никакво изненадување, па така на крајот успеа да триумфира со тесен резултат од 71:67.
Најефикасен кај победничкиот тим беше Планиниќ со 21 поени, додека кај гостите одлични беа Џонс со 24 поени и Трајковски со 18.
Ова беше 12-та победа за битолчани кои во овој момент, до одигрување на останатите мечеви од ова коло се втор на табелата.