40 години од ЗОИ: Сараево ја живее зимската бајка од 1984 година!    

433

Од Сараево, Марија Ковачева

Пред четири децении во периодот од 8. до 19. февруари во Сараево се одржаа Зимските Олимписки Игри. Момент на кој беше горда цела Југославија, момент за кој се зборува и ден денеска.

Пред да дојдам во главниот град на Босна и Херцеговина постојано слушав за ЗОИ и таа 1984 година. Изворно за дел од случувањата ми раскажуваше мојот покоен татко, мојот дедо, постарите колеги, па и мојата сестра, постојано зборуваа за Зимските олимписки игри во Сараево. Некој се сеќава дека немало снег на два дена пред почетокот, некој на подготовките кои се правеле од моментот на добивањето на кандидатурата, дел на освојувачите на медалите, секако сите на пристигнување на олимпискиот оган, и секако незаборавната маскота „Вучко“ која стана составен дел од животот и на младата и на постарата генерација во тоа време, па и годините потоа.

Доживувањата ни се различни бидејќи во година во која се одржувале ЗОИ јас не сум имала ниту две години. Но, ете имав среќа да бидам во Сараево токму за 40-годишнината од одржувањето на Зимските Олимписки Игри и да почувствувам дел од таа магија, тие спомени кои живеат кај секој сараевчанец. Сите на свој начин се обидуваат да го сочуваат моментот на кој се горди – ЗОИ 1984 година.

„12 дена кога бевме во центарот на светот“, ова е мотото под кое во Сараево се прославуваат Зимските Олимписки Игри.

За мене сето ова изгледаше помалку далечно, но Сараево направи да се вратам во таа 1984 година. Секој дел од центарот на градот е одблежан во знакот на овој голем јубилеј, колку и да не го сакаш спортот ќе станеш љубопитен, и сето тоа благодарение на одличната организација на градот.

Токму во истиот период кога се одржувале ЗОИ, во Сараево има програма која трае 12 дена.

На денот на почетокот на Игрите се одржа свечена церемонија во Народниот Театар, а покрај бројните спортисти беше присутен и Јуре Франко. Јунакот на Југославија, освои сребрен медал во велеслалом на ЗОИ во 1984 година, тоа беше прв олимписки медал за југословенските спортисти.

Франко зборуваше како ЗОИ се доживувале пред 40 години, а како сега во време на вештачка интелегенција тие спомени се пренесуваат скромно.

„На вештачката интелегенција и фалат Сарајлиите, цела Босна, магичните планини, лопатите со кои се работеше за таа Олимпијада, жените кои постојано им носеа храна, вода и чаеви на оние кои работеа ден и ноќ за да олимпискиот сон стане реалност. Ги нема таксистите, куварите, тренерите, новинари, камерманите и спортистите. На вештачката интелегенција и недостасуваат оние 20 милиони луѓе, од Триглав до Вардар, кога бевме една држава, а секој имаше своја приказна за Сараево“, рече Словенецот, кој доби громогласен аплауз од пристуните.

Токму Јуре Франко ја разбуди уште повеќе мојата љуботиност. Покрај оние поставени билборди и слични обележја сакав да дознаам уште повеќе детали за начинот на кој се подготвувале овие Игри.

Следниот ден прво отидов на кафе во познатото кафуле „Кава“ кое се наоѓа спроти Олимпискиот музеј. Неслучјано го одбрав ова место, токму од ова кафуле почнува да ве обзема таа магија за ЗОИ 1984 година. Во еден дел се наоѓа стара витрина, како временска машина, тука покрај неа кафето е поинакво. Наредени весници од тоа време, шолји за кафе во знакот на ЗОИ и со маскотата Вучко, плетена ташничка…

Оттука се упатив кон Олимпискиот Музеј, кој за време на војната бил уништен, а потоа одново изграден. Голем дел од експонатите биле сочувани и скриени за време на војната, дел се наоѓаат таму благодарение на граѓаните на Сараево, секој на свој начин придонел моментот ЗОИ 1984 година вечно да живее.

Во Музејот можете да ги добиете сите информации, од тоа колку луѓе работеле на подготовките, до се што било реновирано и изградено за да се одржат тие Игри. Можете да најдете пишани сведоштва од страна на новинарите во тоа време, до ски-опрема и секако бројни видео записи кои на момент ќе ве вратат во таа 1984 година. Посебно место има факелот. Во очи „паѓаат“ поштенските марки, ги имало вкупно 364 во 36 земји во светот, знакот „Југославија“ и лименка „Кока Кола“.

Да, во Сараево за првпат на ЗОИ пристигнала првата лименка, овој бренд бил еден од главните спонзори за Игрите, платиле 2,5 милиони долари и своите напитоци го покривале целиот настан.

Сараево во тие денови не спиел, целиот град живеел од утро до утро.

1984 година дефинитивно нема да биде заборавена ниту после овој јубилеј, бидејќи сите на оние места на кои се одржувале ЗОИ ве потсетуваат на тие моменти. Ако се качите на Требевиќ, таму веднаш ќе ве пречека порака за добредојдовте во Олимпискиот град. Подолу е Боб-патеката, иако е стара, сепак потсетува на тоа време.

Сараево е град на волшебството, град кој ќе ве пречека со широко отворени врати, а ќе ве испрати со исполнето срце.

ПретходноМодриќ е уморен од лаги, донел одлука за новиот тим!
СледноМурињо: Кој може да каже дека бил тренер на Меси? Тоа е апсурдно!