Комисијата за безбедност и сигурност и Одделот за безбедност и интегритет при Фудбалската федерација на Македонија, на 10. и 11. февруари во хотел „Гарденија”, Велес одржа семинар со комесарите за безбедност на клубовите кои настапуваат во Прва и Втора МФЛ.
На семинарот со комесарите за безбедност, присуство земаа и дел од претставници на навивачките групи и претставници од МВР – СВР и Организиран криминал.
Работилницата ја отвори Претседателот на комисијата за безбедност и сигурност и член на Управен Одбор, Борче Лазаревски.
Во првиот дел од работилницата беше одржано предавање и презентација на извештајот за инциденти на натпреварите во есенскиот дел од натпреварувачката 2023/24 година, планот за мерки и активности за организирање на фудбалски натпревар (со конкретни насоки за првенствениот дел, пролет 2023/24) и заштита на интегритетот и борба против местење на натпревари.
Во вториот дел, учесниците на семинарот беа поделени во три групи и на различни теми учествуваа со интерактивно работење и презентирање на „План, мерки и активности на организирање на фудбалски натпревари од висок ризик”.
Презентациите на работниот состанок беа спроведени од Роберт Марковиќ (раководител на Одделот за безбедност и интегритет) и Зоран Саздов (заменик претседател на Комисијата за безбедност и сигурност при Фудбалската федерација на Македонија).
Роберт Марковиќ – раководител на Одделот за безбедност и интегритет:
– Главната тема на денешниот состанок беше да се запознаат комесарите за безбедност и претставниците на МВР кои беа присутни на работилницата заедно со началниците на сектори за настаните, односно инцидентите кои се појавија во есенскиот дел од натпреварувачката сезона, како и со запознавањето на мерките и активностите за пролетниот дел од тековната сезона.
– Комисијата за безбедност и сигурност и одделот за безбедност и интегритет при Фудбалската федерација на Македонија има за цел добро да ги запознае и информира комесарите за безбедност за моменталната состојба на клубовите во Првата и Втора МФЛ, како и за предизвиците кои престојат во пролетниот дел од сезоната , од аспект на сигурност, безбедност и заштита на интегритетот на клубовите и организацијата на натпреварите во целост.
– Комесарите за безбедност треба поактивно да се вклучат во организационата структура на клубот, во поглед на подготовките на секој натпревар, особено во делот на сигурноста, безбедноста и заштитата на интегритетот.
– Во вториот дел од тековната натпреварувачка сезона очекуваме повисоко ниво на подготвеност од страна на комесарите во поглед на организација и имплементација на концептот за сигурност и безбедност за секој меч од Прва и Втора МФЛ согласно позитивните законски прописи и акти на ФФМ.