Во Битола после 17 години ќе се одржи Купот на Македонија. Од 15-ти до 17-ти, овој град ќе дише во ритамот на кошарката, осум екипи ќе се борат за пехарот, кој го брани МЗТ Скопје.
Денеска на официјална прес-конференција од таборот на организаторите најавија дека се подготвени за Купот на Македнија „Благоја Георгиевски Буштур“. На овој начин сакаат да направат чекор напред во враќањето на кошарката на голема врата и воедно сите учесници да ги испратат со позитивни впечатоци.
Домаќинот, Пелистер за противник ќе има тимот на Феникс. На крилата на своите навивачи очекуваат вистински спектакл и секако трофеј.
„Очекувам дека Битола како прво ќе се покаже како одличен домаќин. Видливо е дека Пелистер како клуб расте од година во година, овој дел од сложувалката со организацијата на Купот е благодарение на Општина Битола и на компанијата „Таск Форс“. Очекувам дека ќе имаме тродневен спортски маратон каде ќе гледаме убави натпревари и каде битолската публика ќего препознае квалитетот и ќе ни даде поддршка. Во однос на противникот, Феникс е традиционално незгоден ривал на Пелистер, и оваа година натпреварот пред неколку дена се покажа како доста тежок за нас. Во моментов сме фокусирани само на Феникс, тим што цела сезона игра квалитетно, воопшто не размислуваме на ништо друго“, изјави стратегот на „пелистерци“, Дарко Радуловиќ.
На другата страна минатогодишниот финалист Феникс не нкриеше дека сака да го подигне пехарот.
„Ние лани игравме финале, оваа година сме дојдени за да го освоиме трофејот. Ќе бидам краток. Го почитуваме секој противник, Пелистер е квалитетна екипа, наптреварот ќе биде тежок, но ние доаѓаме за да се обидеме да го освоиме трофејот“, прокоментира тренерот Денис Дервишевиќ.
Во редовите на Работнички, Горан Самараџиев кој како играч има многу пехари, посакува првиот да го освои како тренер, а за противник ќе го има тимот на ТФТ.
„Голема чест и задоволство е да се биде дел од овој настан, се надевам дека ќе биде во најдобар ред. Како играч имам многу куп-трофеи, но сега сум во поинаква улога. Работнички секогаш атакува на трофеи, поголем акцент ставаме на титулата, но кога сме тука секако дека ќе сториме се за да го кренеме и куп-пехарот“, прокоментира Горан Самарџиев.
ТФТ веќе има еден пехар, сонува за финале.
„Голем поздрав за идејата куп-натпреварувањето да биде надвор од Скопје, сметам дека тоа ќе биде голем мотив за битолската публика и мислам дека ќе донесе дополнителен шмек на ова натпреварување. За нас купот засекогаш ќе остане специјално натпреварување, нешто што одговара на нашиот менталитет бидејќи со себе носи и емоција и инспирација. За некој да го освои купот треба да биде на физички план подготвен за три врвни меча за три дена, што не е нималку лесна. Противник ни е Работнички, екипа што е во завршна фаза на враќањето на победнички патеки. Тоа е тим што ни ги нанесе двата најубедливи пораза оваа сезона. Фокусот ни е на првиот меч, а сонуваме за финале в сабота“, изјави стратегот на ТФТ, Боро Смилковски.
Од МЗТ Скопје на оваа прес-конференција беше присутен помошниот тренер Миодраг Тодоровиќ.
„Пред се да изразам задоволство што Купот се игра надвор од Скопје, сите нас треба да не радува што се појавуваат нови кошаркарски центри како што е Битола. Можеби Битола долго време важи за ракометен град, но верувам дека со развојот на кошарката и тоа ќе се помени. Самото име МЗТ носи своја тежина и како 11-кратен освојувач на купот одиме по нов трофеј. Играме со Гостивар, тим предводен од тренер кој е легенда на македонската кошарка и кој ќе знае како да ја подготви својата екипа. Врзавме неколку победи на АБА2 турнирот, без лажна скромност ние доаѓаме за да го одбраниме трофејот. Веќе два пати ни успеа во првенството да освоиме титула во Битола, се надевам дека сега ќе освоиме и куп-трофеј од овој град“, изјави Миодраг Тодоровиќ.
Гостивар пак ќе биде предизвичкувач на МЗТ Скопје, ќе биде предводен од искусниот стратег и поранешен селектор, Јорданчо Давитков.
„Битола е кошаркарски град, се надевам дека ќе има полна сала и дека во трите дена ќе бидеме дел од кошаркарски празник. Екипите се доста израмнети и ќе мора сите да се намачат за да стигнат до победите што ги посакуваат. Нека биде се на висина на задачата,па најдобриот нека победи на крај. Можеби е клише, но во купот нема фаворити, тоа е специфично натпреварување во кое многу послаби екипи победувале поголеми фаворити. Ние имаме навистина многу повредени играчи, МЗТ е еден од фаворитите, ние ќе одиграме најдобро што можеме, па ќе видиме колку е тоа најдобро што можеме доволно за да стигнеме до добар резултат“, рече Јорданчо Давитков.
Тренерот на кавадарчани верува дека неговиот тим против Чаир ќе им се врати на победите и ќе завери полуфинале.„Доаѓаме период откако за пет дена одигравме два интересни дуела. Во претстојниот период сме фокусирани само на дуелот со Чаир, можам да кажам дека имаме максимален респект кон противникот, знаеме дека имаат претрпено играчки промени во однос на првиот меѓусеен дуел. И тие исто како и ние имаме своја математика, ни останува да се претставиме во најдобро светло “, изјави тренерот на Еуро Никел, Тодор Манев.
И во Чаир размислуваат како сите учесници, себе се гледаат во полуфиналето.
„Сосема заслужено сме дел од ова натпреварување. Еуро Никел е тим што го респектираме, тие се единтвениот тим што успеа да слави против нас во Чаир. Ги увидовме грешките од тој меч, добро ќе се подготвиме, се наоѓаме во добра форма од три победи по ред и верувам дека ќе одиграме добар меч“, прокоментира стратегот на Чаир, Ерхан Рамадан.