Лацио избори минимална предност од 1:0 на првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите. Клучен момент на средбата беше пеналот за домашните во вториот дел кој им ја донесе победата на „Олимпико“.
Првото полувреме во Рим не донесе погодок, пред се благодарение на лошата реализација во нападот на гостите од Минхен. Германскиот првак имаше повеќе зрели шанси да го отвори резултатот, но ниту Кимих, ниту Кејн не беа присутни во завршницата на две убави шанси за водство.
Вториот дел започна со малку позатворен фудбал и еден клучен момент кој се случи во 67. Минута, кога невнимателниот централен дефанзивец на Баерн (М), Упамекано го згазна Исаксен директно на скочниот зглоб во сопствениот шеснаесетник, по што францускиот арбитар веднаш покажа на белата точка, а Упамекано заработи и директен црвен картон.
Искусниот Чиро Имобиле беше прецизен од белата точка за водство на Лацио од 1:0.
Во продолжение Баварците се обидуваа да дојдат во ситуација да го израмнат резултатот, но италијанскиот тим успеа да ја одржи предноста со играч повеќе, па дури и имаше шанса да ја зголеми предноста во судиското продолжение, но шансата на Педро заврши со сигурна интервенција на Нојер.