Поранешниот двократен светски шампион во фрлање ѓуле, 33-годишниот Германец Давид Шторл ја заврши својата кариера. Шторл официјално ќе се збогува в петок во Лајпциг на националното првенство во сала.
Тој ја освои првата од двете светски шампионски титули на отворено во 2011 година во јужнокорејскиот град Даегу кога имаше 21 година и стана најмладиот светски шампион во историјата на оваа дисциплина. Титулата ја одбрани две години подоцна на СП во Москва, додека во Пекинг во 2015 година освои сребрен медал.
Интересно е што никогаш не успеа да ја освои титулата светски шампион во сала, но има три сребрени медали од тие натпревари. Шторл има и сребро од Олимписките игри во Лондон во 2012 година и три последователни титули на европскиот шампионат на отворено (2012 – 2016 година).
„Презадоволен сум, постигнав многу. Беше убаво, бидејќи имав многу можности и се чувствував слободен“, изјави Сторл, чиј личен рекорд е 22,20 метри.
За жал, повредата на долниот дел на грбот го спречи да се натпреварува во последните 20 месеци и затоа одлучи да се повлече од натпреварувањето.