Точно на пладне во Битола, денеска ќе стартува 32. издание на националниот кошаркарски Куп, „Благоја Георгиевски-Буштур“.
Осумте најдобропласирани екипи во регуларниот дел од Првата лига, обезбедија место на завршниот турнир во „градот на конзулите“, а КК „Пелистер“ ја доби довербата да биде организатор на настанот кој ќе трае до сабота, кога во салата „Боро Чурлевски“ ќе го добиеме новиот освојувач на престижниот пехар.
Одбраната на куп-титулата кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ќе ја започнат против Гостивар со натпреварот од 12 часот, со кој и ќе биде отворен турнирот во Битола. Нешто подоцна, единствениот дебитант во ова друштво, екипата на Чаир 2030 ќе се обиде да го изненади кавадаречки Еуро Никел 2005.
Од 17 часот, на програмата е дуелот на соседите од „Кале“, екипите на Работнички и на ТФТ Моцарт, додека пак домаќинот на овој собир, екипата на Пелистер, од 19.30 часот, за место во полуфиналето ќе се бори со Феникс 2010.
КУП „БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ-БУШТУР“ 2024 – БИТОЛА
ЧЕТВРТФИНАЛЕ
ДЕНЕСКА:
12.00: МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар
14.30: Еуро Никел 2005 – Чаир 2030
17.00: Работнички – ТФТ Моцарт
19.30: Пелистер – Феникс 2010