Некогашниот прославен хрватски репрезентативец Роберт Јарни е разрешен од селекторската функција на хрватската репрезентација до 17 години, поради изјавата дека ќе навива за Бетис, клубот во кој настапуваше од 1995 до 1998 година, на натпреварот меѓу Реал Бетис и Динамо Загреб во Конференциската лига.
Според Хрватската федерација, недозволиво е човек на чело на хрватска репрезентација да навива против хрватски клуб.
„Со едногласна одлука на Извршниот одбор на Хрватскиот фудбалски сојуз, Роберт Јарни е разрешен од должноста селектор на хрватската репрезентација до 17 години по непримерните изјави во медиумите. Извршниот одбор на ХНС го поддржува правото на секој поединец, вклучително и на секој фудбалер – вклучувајќи ги и репрезентативците – да поддржува кој клуб сака, дури и против хрватските клубови во Европа, иако таквото размислување не се смета за пожелно. Селекторите на хрватските селекции имаат јасна задача да промовираат заедништво, соработка, почит и меѓусебна доверба меѓу сите хрватски клубови, така што ХНС смета дека ваквата одлука е единствена правилна за да се заштити единството на хрватското фудбалско семејство“, се вели меѓудругото во изјавата од Хрватската федерација.