Претстојниот викенд, 17. и 18. февруари, продолжуваат натпреварите од најмасовното натпреварување во организација на ФФМ, Детска лига.
На програмата викендов се мечевите од четири категории во северниот регион, а веќе од следната седмица, со активности и натпревари започнуваат сите возрасни категории. Натпреварите од пролетниот дел во останатите пет региони започнуваат во месец март.
Во Детска лига на ФФМ учествуваат 148 клубови претставувани од 649 екипи и повеќе од осум илјади фудбалери на возраст од 7 до 12 години.
Фудбалската федерација на Македонија и во пресрет на пролетниот дел од Детска лига ја продолжува својата акција за донација на фудбалски топки на тимовите во рамки на Детска лига.
Кон крајот на минатата година, ФФМ донираше 3000 фудбалски топки за екипите од Детска лига, а веќе во вторник започнува акцијата за доделување на нови 2800 фудбалски топки во рамки на која ќе бидат опфатени 148 клубови кои активно учествуваат во натпреварувањетро оваа сезона.
„Викендов започнува уште едно возбудливо фудбалско патување исполнето со тимска работа, решителност и незаборавни спомени. Додека влегувате на теренот, запомнете дека победата не е само резултатот – станува збор за давање максимум, поддршка на соиграчите и забава. Затоа, подгответе ја опремата, играјте со страст и да ја направиме за паметење и оваа сезона. Среќно на сите тимови и бидете во духот на фер играта.“, објавија од ФФМ.