КК Пелистер: Колку боли поразот, толку е гордоста за се што направивме во изминатите денови

246

Пелистер имаше шанса да дојде до првиот пехар во Купот на Македонија. Пред преполни трибини и во одлична атмосфера, беа поразени од МЗТ Скопје со 62:60 во финалето, момент кој предизвика разочарување кај сите, не само кај фановите. Но, од друга страна битолчани можат да бидат горди на она што го направија во изминатите денови, ја вратија кошарката во градот и се покажаа како одлични домаќини.
По завршување на финалето од клубот се огласија со соопштение.

Колку што боли поразот во самиот финиш од финалето, толку е голема гордоста на сето она што го направивме сите заедно во последните денови, за Битола да биде центар на кошарката, но и да постави пример за организација, однос на навивачи и се она што го красело и што во иднина ќе го краси нашиот град.
Благодарни сме на Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски за сета поддршка што ја добиваме од почетокот на овој сериозен проект. Оваа соработка ни дава за право да се надеваме на уште поголеми успеси во иднина.

Горди сме на нашите „Чкембари“. Ја препознаа нашата спортска искреност, желбата да донесеме трофеј во Битола и ја наполнија салата „Боро Чурлевски“. Најтешко е да се биде голем во поразите, но нашите верни навивачи го сторија токму тоа кога на сите ни беше најтешко, уште еднаш покажувајќи зошто се најдобра навивачка група во Мaкедонија.
Горди сме на самите себе, за начинот на кој го организиравме овој турнир, покажавме дека имаме капацитет и организациски способности, зошто да не во иднина да донесеме и регионален турнир во Битола.

Секако, останува тагата што сиот овој заеднички труд на сите битолчани не беше крунисан и со трофеј. Сепак, убедени сме дека вака сплотени, тоа е само прашање на време и најдоброто од нашето спортско семејство допрва следи.

Ви благодариме на сите од срце,

КК Пелистер”, се вели во соопштението на Пелистер.

ПретходноПелистер го совлада Бутел, Охрид подобар во езерското дерби
СледноДавид Тошевски стрела на дебито за Шибеник