ПМФЛ: Струга ТЛ, Шкупи и Шкендија во жестока битка за титулата! Ќе успее ли Вардар да се спаси?

296

 

По два месеци пауза викендов стартува пролетната полусезона во нашата елитна лига.

Многу прашања на кои некаде во мај ќе дојдат одговорите. Се разбира дека најважното е она, кој ќе биде првак на Македонија за сезоната 2023/24. Во тие 15.кола жестока битка ќе водат Струга ТЛ, актуелниот шампион ја посакува втората титула, додека Шкупи и Шкендија ќе атакуваат на својата петта „ѕвездичка“.

Реално стружани се во предност, имаат одличен и воигран тим, а сега не се уморни како што беа есеноска по долгото европско лето. Шкупи е во минус од еден бод и ќе тргне од втората позиција, додека Шкендија како трета има минус од 4 бода во однос на шампионот. Кога сме кај Струга ТЛ и Шкендија тоа ќе биде и тренерска битка меѓу големите пријатели Шпетим Дуро и Јетон Беќири кои во неколку наврати беа заедно, како тренер и асистент во неколку клубови, па и во Шкендија некогаш.

Силекс тргнува од 4.позиција и трева да докаже и со Александар Васоски на клупата зошто еве веќе втора сезона е четврти клуб во Македонија. Тука е Гостивар, тим кој што од август нема пораз во ПМФЛ. Клуб кој наредната сезона ќе биде еден од главните кандидати за тронот, се разбира ако не се случат некои тектонски промени. Работнички со Седлоски на клупата не би требало да има проблем околу изборувањето на опстанокот. Овој тим е кадарен и за некое место повеќе. Но ќе видиме. Па и Тиквеш е тука некаде.

Затоа од осмата Брера до дванаесетиот Вардар ги чека пекол. Познато е дека екипите кои ќе заршат како 11. И 12. испаѓаат од лигата, додека десеттиот игра бараж за опстанок.

Брера и Воска имаат по 20 бода, Македонија ЃП 18, Брегалница и Вардар по 17. Две од овие екипи следната сезона ќе игра во ВМФЛ, а една ќе игра бараж. Главното прашање е дали Вардар, нашиот најтрофеен клуб со Горазд Михаилов на клупата ќе успее да се спаси.

ТАБЕЛА

Струга ТЛ 39, Шкупи 38, Шкендија 35, Силекс 27, Гостивар 24, Работнички 23, Тиквеш 22, Брера 20, Воска 20, Македонија ЃП 18, Брегалнуца 17, Вардар 17.

ЧЕТИРИ ЕКИПИ СО НОВИ ТРЕНЕРИ

Дури четири екипи оваа зима направија смена на тренерските клупи. Горазд Михаилов од Силекс дојде во Вардар, во обратен правец замина Александар Васоски. Исмаил Аталан кој има и искуство од Бундеслигата ќе го води Гостивар, а младиот Бојан Круљ ќе се обиде да ја спаси Брера Струмица.

Од сите 12 тренери титули во ПМФЛ освојувале Шпетим Дуро, Гоце Седлоски, Александар Васоски и толку, значи само тројца.

БЕСАРТ ВЛЕГУВА ВО ИСТОРИЈАТА

Кога сме кај листата на стрелците секако дека очекувањата се Бесарт Ибраими во дресот на Струга ТЛ да постигне уште осум голови за да дојде до фамозната бројка од 200 голови во ПМФЛ. Бесарт сега има 192, има шест оваа сезона, но како што вели самиот има три цели оваа пролет.

Првата е да освои нова титула со Струга ТЛ, потоа да дојде до 200 голови во својата кариера во ПМФЛ а на крај секако и оваа сезона ако може да биде прв стрелец. Алекса Марушиќ има 11 голови, пет повеќе, но Бесарт е голем борец.

СИТЕ ШАМПИОНИ ВО ПМФЛ

ВАРДАР – 11 (1992/93, 1993/94, 1994/95, 2001/02, 2002/03, 2011/12,2012/13, 2014/15, 2015/16, 2016/17, 2019/20.

РАБОТНИЧКИ – 4 (2004/05, 2005/06, 2007/08, 2013/14)

ШКЕНДИЈА – 4 (2010/11, 2017/18, 2018/19, 2020/21)

ШКУПИ/СЛОГА Ј – 4 (1998/99, 1999/00, 2000/01, 2021/22)

СИЛЕКС -3 (1995/96,1996/97, 1997/98)

ПОБЕДА – 2 (2003/04, 2006/07)

МАКЕДОНИЈА ЃП -1 (2008/09)

РЕНОВА – 1 (2009/10)

СТРУГА ТЛ – 1 (2022/23)

ПретходноНБА Олстар викенд: Вембањама разочаран, Мадерин е МВП а “Тим Џејлен“ победи во “Ѕвездите во подем“! (ВИДЕО)
СледноБаерн со ултиматум до својот тренер: Судбината на Тухел ја кројат Елези и Елмас!