Нашите младински селекции, поточно онаа со предзнак 2008 година добива три екстра засилувања за претстојниот селективен камп што следната недела стартува во Кичево и ќе се одржи се до 25-ти месецов.
Се работи за тројца млади фудбалери кои доаѓаат од шампионатот на Шведска, а се со потекло од Македонија.
За нас особено интересен секако дека ќе биде Дени Османовски младиот стопер/лев бек на тимот на Малме, кој што е син на некогашниот прославен репрезентативец на Шведска, Иксел Османовски.
Тој за нас остана неостварена желба, а беше „играчиште“, кој што настапуваше токму за Малме, но и за италијанските Бари, Торино, и француски Бордо. Сепак, ете Македонија се изборува неговиот Дени да го носи дресот со нашиот национален грб.
По него следува Оливер Марковски членот на Хелсинборг кој е брат на Даниел Марковски, нашиот репрезентативец до 19 години. Се работи исто така за ултра талентирано момче кое со голема брзина се искачува низ старосните скалила во својот клуб.
Конечно, доаѓаме и до Алесандро Грујоски, членот на Лундс, кој исто така ќе биде засилување за нашиот национален тим во младинските категории, а секако се надеваме еден ден и за А репрезентацијата.