Пелистер или МЗТ Скопје, еден од овие два тима денеска во „градот на конзулите“ ќе го подигнат пехарот во Купот на Македонија, кој го носи името на легендата Благоја Георгиевски Буштур.
Пелистер после 15 години ќе игра финале, последен пат битолчани за пехарот во ова натпреварување се бореа во 2009 година против АМАК СП, но не успеаја да се радуваат. Сега, избраниците на Дарко Радуловиќ имаат голема шанса да дојдат го освојат Купот на Македонија и на Битола да и донесат радост, бидејќи на кошаркарски план во овој град одамна се нема славено.
Победата не е непозната за битолчани, оваа сезона двапати славеа против скопскиот состав, еднаш во Битола, факт кој дополнително ги мотивира и не ги прави аутсајдери.
„Два пати го победивме МЗТ оваа година, тоа е тим против кого знаеме да играме и да го победуваме, но ова е куп, ова е финале и јасно е дека влогот е огромен. Знаеме какви кошаркари има противникот, колкаво искуство поседува, така што ние ќе дадеме се од себе за да стигнеме до победата. Пред се, ние треба да одиграме квалитетна одбрана, да ги запреме нивните најдобри играчи. Во принцип, финалните мечеви се добиваат на енергија, на борбеност, против Еуро Никел имавме 17 скокови повеќе од противникот тоа ни ја донесе победата, такво залагање очекувам и во големото финале“, изјави Дарко Радуловиќ, тренерот на Пелистер.
На другата страна МЗТ Скопје против вечниот ривал покажа зошто е бранител на еден од двата трофеи од минатата сезона. Под водство на неверојатниот Војдан Стојановски и неговиот брат Дамјан, „сино-белите“ стигнаа до финалето, а таму немаат намера да потклекнат пред полните трибини.
МЗТ Скопје е сопственик на 11 трофеи во Купот на Македонија, најмногу од сите тимови, па вечерва оди по 12-от.