Алкалоид и Тиквеш одиграа одличен натпревар, како што доликува на едно дерби. Победник од оваа пресметка излезе македонскиот вицепрвак кој славеше со 26-25 второто коло од плеј-офот во Супер-лигата. Со овој триумф момците на Кирил Лазаров останаа непоразени и лидери на табелата.
Мартин Серафимов постигна осум гола кај победникот, седум имаше Митев, пет Џонов. На другата страна Манасков и Симиќ имаа по шест погодоци.
По изедначената игра и 6-6, гостите со серија 6-0 поведоа со 6-10 во 17. минута. Оваа позитива ја имаа и во 22. минута (8-12) по што застанаа. На другата страна избраниците на Кирил Лазаров вратија со 7-0, на почетокот на второто полувреме поведоа со 15-12. Во овој период искусниот Трајкоски застана на местото на младиот Галевски и запиша три важни одбрани.
Тиквеш после долго време го постигна првиот гол (15-13), но домашниот тим не застана. Со нови погодоци на Митев и Серафимов успеа да зголеми на 18-13. Тиквеш успеа да се разбуди, со серија од 3-0 намали на 18-16 во 41. минута, два гола беа дело на Мартин Манасков.
Мијатовиќ ја врати неизвесноста (20-19) во 47. минута. Лазаров повика тајм-аут, Митев реализираше за 21-19. Мечот влезе во неизвесна завршница, Алкалоид беше на позитива од еден до два гола. Симиќ ја казни лошата реализација на противникот, израмни на 23-23 во 53 минута.
Притисокот си го стори своето, па Џонов и Мајиќ добија две минути, откако влегоа во конфликт. Неизвесноста продолжи, се играше гол за гол. Велков успеа да го одбрани ударот од седум метри на Серафимов, Трајкоски врати на другата страна. Серафимов се поправи со „бомба“ зголеми на 26-25 на 1:10 до крајот. Стојановиќ повика тајм-аут, Трајкоски го фати ударот на Манасков за победа на својот тим.
На втората денешна средба, но во плеј-аутот, вториот тим на Пелистер беше подобар од Куманово со 25-19.