Втора година по ред, најдобар во забивање на Ол-Стар викендот во НБА лигата е членот на развојната лига Мек Мекланг (25), кој утрово во Индијанаполис вторпат едноподруго покажа дека има страшни вештини иако не игра во НБА.
Овој пат тој го победи Џејлен Браун (Бостон) и особено импресионираше со последното забивање во финалето кога доби совршени оценки, успевајќи да го прескокне Шекил О’Нил, и заслужено да ја понесе титулата и оваа година.
Брутално забивање имаше и Хаиме Хакез од Мајами, но таму застана, односно неговиот „репертоар“ не беше толку богат како оној на другите натпреварувачи. Така, Хакез беше единствениот кој сепак доби „педесетка“ покрај двете што ги имаше Мекланг, додека Браун и без нив стигна до финалето.
Во натпреварот во „тројки“, Демијан Лилард победи втора година по ред, бидејќи во финалето беше подобар од Карл-Ентони Таунс и Треј Јанг, а особено интересна беше пресметката меѓу Стеф Кари и кошаркарката Сабрина Јонеску. Двајцата се обидоа да одговорат на прашањето кој е најдобар стрелец во светот, а титулата му припадна на Кари, додека во конкуренција на вештини титулата ја понесе Индијана за која настапија Тајрис Хајбартон, Бенедикт Матурин и Мајлс Тарнер.