Македонската кошаркарска репрезентација означи старт на мини подготовките за квалификациските мечеви за пласман на ЕП 2025 година. Селекторот, Александар Јончевски на првиот тренинг не сметаше на Војдан Стојановски за кого се уште се чекаат резултати околу повредата со која се здоби на Куп финалето, како и на новиот Американец, Итан Хап, кој ќе пристигне вечерва, а веќе од утре ќе се приклучи на репрезентативниот строј.
„Војдан заработи повреда, не толку сериозна, но доволно да го оддалечи, доколку се испостави дека е нешто сериозно и не може да настапи на следниот меч. Во овој случај ќе бидеме тоа како хендкепирани“, објасни Јончевски.
Прв и најважен противник во февруарскиот прозорец е селекцијата на Естонија, која гостува во Скопје (петок, 19 часот) во салата „Кале“, влезниците се во продажба по цена од 250 денари.
За Македонија оваа средба ќе биде патоказ за овие квалификации, иако истите се развлечени. Естонците мора да се добијат доколку сакаме да се вратиме на европската карта.
„Најважниот меч е против Естонија без разлика што ќе трае цела година, овој меч ќе реши многу работи. Без разлика што ќе се случи нема да биде релаксирано, било каков позитивен со нив ќе биде добар. Естонија е репрезентација која бележи подем, овој пат има најмногу интернационалци кои настапуваат со силните европски лиги. Верувам дека ќе имаме добра атмосфера во Кале, играчите ќе го дадат својот максимум, што ќе биде мотив плус“, рече Јончевски на денешниот собир.